Младински форум – Доброволен национален преглед (VNR)

На 6 март 2020 година во Скопје, Y-PEER во соработка со Владата на Република Северна Македонија и со поддршка на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации УНФПА во Скопје, организираше еднодневен консултативен настан за млади како дел од консултативниот процес за млади и младински придонес кон Доброволниот национален преглед за Целите за одржлив развој (Voluntary National Review for Sustainable Development Goals –VNR).
На форумот учествуваа 20 претставници на младински организации и организации кои работат со млади.
На почетокот на Младинскиот форум поздравни обраќања имаа: Постојаната координаторка на Обединетите нации г-ѓа Росана Дуџак, Раководителката на канцеларијата на УНФПА г-ѓа Афродита Шаља-Плавјанска, Раководителката на одделението за одржлив развој при Владата на Република Северна Македонија г-ца Ана Јовановска и Кристијан Ангелески од Y-PEER.
Форумот беше структуриран во две целини. Во првата целина беа презентирани одговорите од страна на младите на прашалникот за млади поврзан со Младинската визија за следната декада. Овој прашалник послужи како алатка за собирање податоци од младите што подоцна се користеа како референца за развој на делот за младински придонес во рамки на Доброволниот национален преглед. Во рамки на првата целина, учесниците имаа можност да проследат интеактивна едукативна презентација за Агендата 2030 и Целите за одржлив развој (SDGs), проследена со дискусија и квиз.
Во втората целина, учесниците беа работеа во 4 групи и секоја група имаше за задача да разгледа по еден предизвик со кој се соочуваат младите и со помош на 8 водечки прашања да го дефинираат предизвикот кој ќе го анализираат подетално, да го поврзат со релевантните Цели за одржлив развој како и индикаторите по целите, да ги идентификуваат сите постојни проблеми/предизвици и да дизајнираат решение (промена) што можат реално да се постигне, како и да се идентификуваат институциите кои се одговорни за тој предизвик и како истиот би можеш да се адресира соодветно.
Предизвиците на кои присутните работеа во работните групи се следните:
1. Рамномерен регионален развој – во државата помеѓу регионите;
2. Образование – алатки, материјали и можности;
3. Вработување – работа и пракса;
4. Инклузивни и транспарентни институции.
Тематските работни групи се во согласност со одговорите поврзани со предизвиците со кои се соочуваат младите од прашалникот за млади.
По работата во групи секоја од групите ги презентираше своите заклучоци по што следеше дискусија за како може младите заеднички да помогнат во решавање на предизвиците детектирани од работните групи. Сите заклучоци ќе може да се прочитаат во Доброволниот национален преглед.
За време на целиот настан користејќи ја платформат Ментиметар се забележуваа најкористените зборови во дискусиите: млади, Агенда 2030, подобар свет, цели за одржлив развој и никој да не биде запоставен. Илустрацијата е во прилог.
